Катрин Ле Блу
Глава 3
„Запознај ја Катрин!“ му рече Никола Николовски Борче на својот син.
Стоеше горд пред неа со раширени раце, мафтајќи како да презентира циркуско
чудо. Сосема на место, би се рекло, ако ја земеме помпата со која тој му го
најавуваше своето изненадување. Веќе две недели откако замина на службениот
пат, на секое јавување само ги подгреваше приказните и зачинуваше, вртејќи ги
од фантастични до банално фантастични, но никако не издаваше што е тоа. Му
зборуваше за всленски бродови, за вистински бродови, за пршута од Славонски
брод. Еднаш дури и му кажа дека му носи нова мајка, бидејќи смртно се вљубил.
„Да“, му рече тој сериозен како нож. „Љубав на прв поглед. Мал проблем... не
зборуеме исти јазик. Она Французинка, ја Балканец – али љубав нема уши“.
Никола Стари (во тоа време само Нино) безгрижно се насмевна зад слушалката.
Знаеше каква будалетинка е Борче.
„Французинка? И, како се вика?“
„Катрин“, шлапна Никола Николовски Борче. „Чекај, чекај. Плава, мазна,
цврста... и ти ќе паднеш!“
Дента кога се врати во Скопје, не се јави никому. Стигна во раните часови.
Сонцето што туку почна да ѕирка над паркот кога тој паркираше пред влезот. Се
прикраде дома најмногу на прсти што можеше, влезе во собата на Нино и
внимателно го разбуди.
Заверенички му даде знак да појде по него и тивко, тивко, најтивко излезе
од собата. Нино немаше што да прави, освен да ги протрла очите, да ја почеша
главата и да се извлече од креветот. Излезе таков, по пиџами и папучи, сѐ уште
омајан во утринскиот сонлив меур.
„Та-таааа...“ рече Борче. „ Што ќе
кажеш сега? А?“
„Пууу“, рече Нино.
„Што ќе кажеш сега?“, рече Борче.
„А, а?“
„Пууу“, рече Нино.
„Диес 21“, рече Борче. „Задња
серија, бошов инџектор. Краљица!!!“
„ ...Божица“, рече Нино.
„Ќути мамлаз еден, ќе те чуе некој“,
рече Борче. „И не ми се прај паметен. Ја француски не знам? Бонжур?! Ама знам и
кај живеам“.
„Кој ќе чуе стари?“ рече Нино. „Сите спијат! Ја уште спијам“.
„Па што чекаш? Буди се и облакај се, да те спуштам по булевар!“ рече Борче.
„Ќе се заљубиш!“
Така Никола Стари, тогаш сѐ уште
Нино се запозна со Катрин триесет години претходно. Беше мај 1971 година и тој имаше
едвај шеснаесет. И да, вистински се вљуби. На прв поглед, суптилен и невин како
кожните седишта што го прегрнаа како мајка кога првпат влезе во неа.
„Можеш тркало да ѝ извадиш и пак ќе
вози“, рече Никола Борче. „Сакаш да пробаш?“
„Да ѝ извадам тркало?“ рече Нино.
„Не бе мамлаз“, рече Борче. „Да
возиш, сакаш ли да возиш?“
„Ја?“
„Да“.
„Сега?“
„Е не, утре!“
„Озбиљен си?“
„А што да не? Ќоро ауто нема. Само
ние, машината и путот. Рамно до Косово. Сакаш или не?“
„Е не, ти сакаш“, рече Нино.
Беше мај 1971 година. Утро.
Прекрасно, сончево, вистинско скопски пролетно утро. Улиците сѐ уште беа
празни. Никола Николовски Борче седеше со својот син Нино во неговата нова кола.
Неговата прва кола. Го учеше како да вози.
Борче беше импулсивен човек. И
особено го сакаше својот син. Сакаше да му пренесе сѐ што може, или барем сѐ
што знае, а поради работата, ретко имаше можност да го види. Како директор на
фирма во подем, тој често беше принуден да го напушти Скопје и да сомеле
километри и километри пат. Белград, Сараево, Титоград, Загреб, Љубљана... не се
ни трудеше да ги спомнува и набројува помалите попатни станици. Борче не се
жалеше. Сакаше да патува, а сакаше и да вози, но постојано плачеше што нема
своја кола.
„Човек без ауто нема слобода“,
велеше тој.
А Борче ја ценеше својата слобода.
Што е сосема разбирливо, бидејќи ја освои со свои раце. Раце кои еднаш дури и
убиваа во име на слободата. Но тоа беше далеку зад него во тој момент,
потиснато што е можно подлабоко во скришниот сеф на заборавените сеќавања.
Постоеше само моментот тука. Тој и неговиот син и неговата слобода. Слободата
да оди каде сака, кога сака.
„Либерте ту жур“, рече тој, држејќи
се цврсто во седиштето.
Се возеа бавно и исецкано. Водена од
невештите раце и нозе на Нино, ајкулата повеќе скокаше како жаба отколку што се
пливаше по булеварот.
„Можеш тркало да ѝ извадиш и пак ќе
вози!“, рече Борче меѓу две потскокнувања.
Згрчен над воланот Нино го имаше
фиксирано погледот на патот, сериозен како нож.
„Опушти се, добро ти оди“, рече
Борче. „Опушти се. Лимузина е ова. И згази малку. Си се стиснал ко шупче!“
Нино стапна остро на кочницата и ја
прикова колата во место. За кратко го сврте погледот кон својот татко.
„Што сега?“ рече Борче.
„Озбиљен си?“ рече Нино.
Борче го одмери од глава до петици. Ја
виде страста во очите на неговиот син. Виде искра каква што одамна не видел.
„Нема што. Улиците се твои!“ рече
Борче. „Прва, втора и шибај...“
Нино го послуша. Прва, втора и удолу
по булеварот во трета. Возеше како целиот живот да седел зад волан. Опуштено и
лесно.
„Можеш тркало да ѝ извадиш и пак ќе
вози“, рече Борче.
Беше мај 1971 година. Утро. Прекрасно,
сончево, вистинско скопски пролетно утро. Животот што туку почна да врви низ
улиците на градот. Опуштено и лесно, без никаква потреба од брзање. Чистачите
ги метеа улиците, се вадеше првиот бурек, луѓето ги опседнуваа автобуските
станици. Никола Николовски Борче и Никола Николовски Нино, татко и син, прошишаа
по булеварот и низ нивите излетаа надвор од градот.
Беа среќни, задоволни и полни со себе. Беа
татко и син за последен пат во нивните животи.
Три месеци подоцна, срцето на Никола
Николовски Борче одеднаш се забрза, прерипа неколку пати и престана да чука.
Умре во кревет. Во погрешен кревет. Во креветот на непозната жена.
Смртта на татко му беше првиот посериозен потрес што
Нино го доживеа по оној од шеесет и третата, иако тој го преспа. Не само што го
изгуби столбот на неговиот живот, туку и за првпат сфати дека верноста е скоро
недостижна и дека никој не е онаков каков што ние мислиме дека бил.
Неговата мајка пак, Катерина, го
прими сето тоа многу поспокојно. Како да умрел од старост и во сон, по долго
боледување. На погребот заминаа со цитроенот. Ги возеше шоферот од фирмата на
Борче. Се викаше Адем и мирисаше на сандаловина. Погребот на татко му мина
достоинствено. Се одржа говор, ковчегот се спушти во дупката и го покрија со
земја. Храна за црвите и ништо повеќе.
Беше топло и сончево августовско утро.
***
Минаа шест години пред
Никола да добие можност повторно да ја провози Катрин. По смртта на татко му,
никој не ни помисли, ниту спомна таа да се продава. Како да се подразбираше дека
му припаѓа нему и никому друг. Неколку дена по погребот, Адем и Никола ја одведоа
во гаража и ја спакуваа со церада. Гаражата беше збиена, пренатрпана и жолта.
Никола во меѓувреме
растеше, заедно со својот град. Прво го зацврсти гласот, а потоа и телото и
пушти ретки мустаќи. Живееше скопски живот како и сите други во тоа време. На
ура. Меѓу две кафани, тепачка низ маало, фудбал и семки на корзо. Заврши средно
со мало доцнење од една година, отслужи војска во титовата армија и веднаш се
вработи во „Југотрејд“, поранешната фирма на татко му. Како награда, од
неговата мајка Катерина, доби часови по возење. Полагаше три пати – паѓаше на
прва помош.
***
Беше мај 1977 година. Лееше
како од кобле. Никола и Адем влегоа во гаражата во која шест години претходно
го спакуваа синиот цитроен во сиво грубо платно. Мирисаше на мемла. Адем го
сврте црниот прекидач по што сијалицата истури жолтина во згужваната
просторија, откривајќи неред од алати и отфрлени гуми. Никола ги спушти
канистрите на земја.
„Ти си газда“, рече Адем.
„Ама на Адем е да каже. Слушај го Адем кога ти кажуе. Па пет години не е палена
душо“.
„Ќе запали, стари“, рече
Никола. „Мора да запали“.
„Да причекаш, душо“, рече
Адем. „И утре е ден. Ќе ја извадиме, ќе ја проба Адем. Ќе стегнеме што треба.
Акумулатор, уље, гуми...“
„Да си немаш ти гајле, стари.
Ако викам дека ќе запали, ќе запали. Шест години го сањам ова“.
Адем само одмавна со
главата и длабоко воздивна, како да се помирува со мачната судбина. А потоа,
мрморејќи си во брадата почна да го одлупува сивото платно од автомобилот
кревајќи облак прашина.
Изгледаше поубаво дури и од онаа од спомените.
Како за неа да не поминал ниту ден. Нејзината сјајна сина каросерија, совршено
сочувана низ годините, делуваше дури и напернато во збиената и пренатрупана,
жолтеникава гаража. Само малку прашина на седиштата, недовршена пајажина од
воланот до возачката врата. Ниту траг од пајакот.
„Донесов бензин, за секој случај“, рече Никола.
„Ќе сакаш да наточиш?“
Адем сé уште изгледаше неубедено. Сепак, не ни
помислуваше веќе да се убедува. Знаеше дека ништо нема да постигне, па во
стилот на попаметниот попушта, почна да буричка низ купот алатки барајќи инка и
свртен со грбот зборуваше во брадата:
„Кола треба да се издува. Треба на пут да ја
изнесеш. Исто како жена. Ме разбираш ли душо? Треба да ја стиснеш, да ја
издуваш, или не слуша. Не иде. Пет години не е палена, душо. Акумулатор се
потрошил, гуми попуштиле, уље дали има...“
Но, Никола не го слушаше.
Ја издува прашината од седиштето, нежно ја скина пајажината и по инерција ги
стави клучевите во бравата. И само што го даде контактот и стави во прва,
машината под него живна.
Адем стоеше со инката во
раце и со подзината уста. „Еден е господ, мило“, рече тој.
„Катрин“, рече Никола. „Можеш
тркало да ѝ извадиш и пак ќе вози“.
Таа вечер ја довезе Катрин пред вратата на неговата
тогашна девојка, а потоа сопруга и разведеница – Виолета Хаџистефкова Вики. Се
вљуби во нејзината напрчена уста, смирениот и студен мозок, цврстите цицки и името.
Девет месеци подоцна се роди нивниот син. Го крстија по неговиот татко. Го
крстија: Никола.
„Само да не го викаат Ник!“
рече Виолета.
„Сигурно ќе го викаат
Мали“, рече Никола Стари.
***
Никола Стари го продолжи
спокојно својот скопски живот. На кредит, од седум до три и одмор на наше море.
Билијард, чашка-две, фудбал на стадион и вести на те-ве.
Поради работата, често мораше да патува и го
сакаше тоа. Немаше свој шофер, а ни многу коли. Каде и да одеше, одеше со својата.
Со неговата Катрин. Белград, Загреб, Сараево, Љубљана, Титоград беа некои од попатнита
станици... помалите не се ни споменуваат. Катрин, се разбира, зазеде високо
место во неговиот живот, веднаш зад неговиот син. Можеби најголемата болка и
единствена грижа во животот тогаш му остана само тоа што никогаш не доби
можност да ѝ обезбеди гаража.
„Без кров над глава си
никој и ништо“, му викаше тој на својот син, додека ја навлекуваше церадата, за
да ја заштити од сонцето, ветрот и од сите непознати и страшни опасности што
можеби ја демнеа. Никола Мали, бленеше во него како теле.
„Без кров над глава си
како мува без глава“, му дообјасни тој.
Никола Мали се насмеа
зевзечки.
„Мува без глава“, повтори. „Мува без глава! Ќе си
ја т’еснам главата!“
Тој ден умре Тито. Една година подоцна на Никола
Стари му се скусија пет години од животот. Враќајќи се од регионално службено
патување, тој и неговата Катрин беа жртви на глупава сообраќајна несреќа – среде
пустелија, на патот кон никаде. Сонцето му блескаше во очи кога се појави
белиот автомобил зад кривината.
Никола, за среќа, заврши само со мали гребаници и
скоро без никакви повреди. Но, Катрин мина многу полошо. Однесена цела десна
страна, пукната хидраулика, скршена осовина...
„... И баласирање, не стануе ни збор“, рече
мајстор Миле.
„И колку време ќе треба?“ рече Никола Стари.
„Зависи“, рече мајстор Миле.
„Од што?“
„Од делови... Нема“.
„Како нема?“
„Нихт, нада, њенте, најн... нема делови... тоа е
тоа! Можеш да увезеш, али ќе те кошта“.
Само една недела подоцна пред работилницата на
мајстор Миле застана камион со француски таблички. Од совозачката врата изрипа
Никола Стари, неизбричен и со очи како подгреана сарма. Возачот само се
проѕевна и ја спушти главата на воланот. При тоа случајно свирна.
„Газда Миле!“ свика Никола и се упати кон задниот
дел на камионот. „Ви носам делови, газда Миле“.
„Какви бе делови дете?“ рече мајстор Миле. Виткаше
цигара седнат пред гаражата.
„Све што треба“, рече Никола и скокна во камионот.
Излезе од него со голема дрвена кутија и ја подаде кон мајстор Миле.
„Осовини... лева и десна...“ рече и веднаш се врати назад по нова.
Десет минути подоцна пред гаражата на маjстор Миле никна куп дрвени кутии.
„Што си ми донел бе ова дете?“
„Кутии, газда Миле“.
„Кутии викаш?“
„Не се лутиш, ваљда? Морав да го пуштам да спие.
Око не сме склопиле три дена. Нема да смета да останат малку тука? До вечер. Ќе
пројдам да ги соберам. А ти избери што ти треба“.
„Па ова е цела кола“, рече мајстор Миле.
„Само делови“, рече Никола и крена со рамениците.
„Само делови“.
***
Животот продолжи по стариот тек за Никола Стари. Спокојно
и дистанцирано, како партија билијард. Ако се одземат неколкуте бензински
кризи, може да се каже дека осумдесетите беа наколонети за Никола. Додека неговата
фирмата растеше и се ширеше, тој ја следеше студената војна на те-ве, грицкаше
семки на стадион и повремено играше фудбал со својот син, Никола Мали, кој
повеќе сакаше да игра џамлии и да вози точак со другарите.
Продолжи да патува. Само што никогаш повеќе не
возеше наутро кога сонцето изгрева, ниту пак навечер кога тоа заоѓа. Иако
дестинациите му се скусуваа, а пределите стануваа сѐ попрепознатливо домашни,
тој сепак уживаше секој пат кога ќе го напуштеше градот и секој пат кога во
него ќе се вратеше.
Еден ден, почина мајка му. Погребот мина горе-долу
достоинствено и тивко. Две стрини ридаа до засркнување, додека еден постар
господин – чие лице од некаде го памтеше, но не можеше да го врзе во спомените –
за малку ќе паднеше во ископаната дупка. Никола Мали едвај додржа да не се
насмее како зевзек. Го спуштија сандакот во дупка веднаш до гробот на неговиот
татко. Катерина Николовска Кети стана храна за црвите и ништо повеќе. Следниот
ден, се распадна Југославија.
Минаа пет години без други поголеми потреси. Скопје стана главен град, улиците
ги сменија имињата, неговиот син порасна, а ни фудбалот не беше тоа што некогаш
бил. Впрочем, ништо веќе не беше тоа што некогаш било. Поранешната фирма на
неговиот татко се ребрендираше во „Мактрејд“, тој патуваше сѐ поретко, додека
дестинациите стануваа се поблиски. Тетово, Охрид, Прилеп, Штип, Струмица беа
неговите попатни станици. Помали немаше.
Сепак, Никола Стари не се жалеше. Ја имаше својата слобода, ја имаше
Катрин. Таа остана иста како првиот ден. Сина и мазна.
Илјада деветстотини деведесет и петтата го напушти Виолета – сопругата.
Ненадејно. Му остави само писмо на кое пишуваше: „Отидов за Америка“. Веќе никогаш не му се јави, никогаш не му
напиша ниту збор. Рака на срце, ни Никола Стари не се потруди да ја бара.
Напротив, нејзиното заминување му дојде како кец на десетка. Се препороди, во
вистинската смисла на зборот. Престана да пуши, почна да џогира и ги избричи
мустаќите.
Знаеше дека е жива преку Никола
Мали, со кого Виолета одржуваше контакт по пат на еднострана банкарска
трансакција. Шест месеци откако таа се отсели, на книшката на неговиот син –
отворена од неименуван донатор во Сан Франциско – секој месец, без исклучок,
стигнуваше сума од точно илјада долари. Оваа анонимна мајчинска љубов ќе трае
следните петнаесет години. Или попрецизно, таа ќе заврши точно една година пред
Никола Стари и Никола Мали да влезат во мојата приказна за Скопје, сега.
***
Понеделник попладне, три дена откако Никола Стари
го пријави исчезнувањето на Катрин. Го наоѓаме како седи бесцелно во дневната
соба. Само едно светло свети во ќошот. Телевизорот врти некакви слики, но тој
не ги забележува. Како и многу други луѓе, така и Никола Стари нема моќ да ги
види работите кои не ги познава. А би можело да се каже дека тој телевизорот
веќе не го познаваше.
Одамна изгуби навика да му се обраќа како на
прозорец кон светот, уште од првите денови кога на него се појавија сегашниот
премиер Лопата и тогашниот премиер Ковач. Сѐ поретко и поретко го вклучуваше,
па дури и целосно го запостави – до толку, што изгуби вештина да ракува со
него. Си мислите: гледање телевизија не
се заборава. Тоа е како возење точак, да речеме, или пливање. Точно, но и секое
знаење што не се повторува и подмачкува, еден ден ’рѓосува.
Сепак, тоа попладне, како ретко кога во животот,
му требаше некој друг да му го пополни времето. Некој да мисли наместо него, да
зборува наместо него, да го ослободи од обврската самиот себеси да се забавува.
Бадијала. Доволни беа неколку превртувања со далечинскиот за тој да се изгуби
во, за него, бескорисниот тек на информации што го заплиснуваа и брзо се
откажа. Ја остави кутијата да ја исполнува собата со безличен шум од звуци и бои.
За првпат во својот живот Никола Стари се
почувствува стеснето и врзано. Се почувствува како да нема раце. Можеше,
можеби, да прочита и весник – или пак да си ја поправи фармата на својот
профил, но не веруваше дека ќе има живци ниту за дигитална агрикултура, ниту за
млекарска криза. А веќе ги виде вчерашните вести - вчера.
На неколку пати посака да излезе и да прошета.
Можеби до паркот, можеби само да сврти круг и да провери што е ново. Што се
срушило, а што сѐ уште стои и каде, но погледот низ прозорецот го пречека со
сив филм од магла над улицата.
Од некаде заѕвоне телефонот. Се истепа за да дојде
до него. Непознат број.
„Да?“ рече тој.
„Никола?“ рече женски глас.
„Да“, рече тој.
„Само момент...“, рече гласот.